Лукаревска: Од 611 контроли, откриени 114 неправилности, во Тетово пола од објектите со проблеми со фискалните
УЈП за два дена изврши 611 контроли на територијата на цела држава. Кај 114 даночни обврзници имало неправилности во однос на спроведување на одлуката за ослободување од ДДВ на основните прехранбени продукти. Контролите биле насочени кон фирми кои вршат трговија на мало со храна и пијалаци, со месо и производи од месо, со моторни горива, кои дејноста ја вршат преку повеќе деловни единици со поголема продажна површина и остваруват промет во поголем износ.
Сања Лукаревска – директорката на УЈП денеска на прес-конференција информираше дека и покрај укажувањата имало продажни објекти на кои не им биле прилагодени фискалните апарати и наместо во група Г, лебот, брашното ТИП 400, јајцата, млекото, шеќерот, месото, оризот и маслото за јадење ги продавале во група Б односно со пресметан ДДВ од 5 проценти.
„Инспекторите согласно направените контроли најмногу неправилности утврдија кај обврзници од Тетово, Струга, Скопје, Прилеп и Охрид. утврдени се неприлагодени фискални апарати кај трговци на мало со храна и пијалоци, со јајца, со месо и производи од месо во специјализирани продавници. Од 31 контролиран продажен објект во Тетово, кај 15 биле утврдени неправилности и тоа неиздавање и неусогласени фискални сметки. Од 28 контролирани објекти во Струга, кај 12 биле откриени неусогласени фискални сметки. Од 136 исконтролирани продажни објекти во Скопје, само кај 13 е откриена неправилност. Во Прилеп и Охрид од направени 32 контроли, кај 12 биле откриени неправилности. Во Битола од исконтролирани 55 објекти, само 10 имале неправилности во работењето“ – изјави Лукаревска.
Додаде дека неправилности имало и кај шест продажни објекти во Струмица, Кавадарци, Гостивар и Ресен. Во Неготино неправилно работење е утврдено кај три од вкупно 17 исконтролирани трговци, додека во продажни места од Штип, Гевгелија, Кичево, Велес и Валандово непочитување на одредби од законот е утврдено кај едно продажно место.
Со контролите, кај еден голем трговец кој врши трговија на мало со храна и млечни и месни производи во неколку маркети во Скопје, Струмица, Гевгелија и Валандово е утврдено, потенцира директорката на УЈП, неусогласеност на даночната стапка за месо и други производи.