Лукаревска: Одвоивме 76 милиони евра за нови антикризни мерки, следува зголемување на лимитот за поврат на ДДВ
„Со ребалансот предвидовме 76 милиони евра за нови антикризни мерки, помош за граѓаните и компаниите за намалување на последиците од глобалната енергетска криза, но тука се други мерки кои остануваат да се применуваат и кои се директна поддршка на стандардот на граѓаните“ рече во гостување на Сител телевизија, заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска.
„Одвоивме 76 милиони евра за нови антикризни мерки, дополнително, 3 милијарди денари за земјоделството, 2,2 милијарди за мерката мој ДДВ, за гарантирана социјална помош, останува мерката за субвенционирање за повисоки плати, зголемена минималната плата, пари за енергетска сиромаштија но мерки за зголемување на енергетската ефикасност и зголемување на производството на струја. Преку одлука на Владата доделивме уште 50 милиони евра за ЕСМ дополнително да го зголеми производството“ – рече Лукаревска.
Таа додека дека глобалната криза е сериозен предизвик со којшто се соочуваме ние, но и целиот регион. Лукаревска рече дека мерката за поврат на ДДВ дава одлични резултати, со право е најпопуларна мерка и додаде дека следува зголемување на лимитот според најавеното и ветено пред граѓаните.
„Оваа мерка ги дава очекуваните резултати. Имаме зголемен број корисници, средствата кај граѓаните редовно се исплаќаат, што допринесува за подобрување на стандардот на граѓаните, затоа што дел од парите дадени за ДДВ им се враќаат назад во домашниот буџет. Новината која од 01.01.2023 година треба да започне е зголемување на лимитот за поврат на средствата, како што ветивме пред граѓаните и како што стои во владината програма“ истакна таа.