Легендарниот уругвајски напаѓач, 37-годишниот Луис Суарез објави крај на репрезентативната кариера во која за 17 години забележа 142 настапи и со 69 гола стана најдобар стрелец во историјата на „Селесте“.
„Во петок ќе го одиграм последниот натпревар за репрезентацијата. Ова е тешка одлука, но ја донесов свесно затоа што дадов се од себе до крајот, а огнот со кој ја претставував мојата земја воопшто не стивнува“, изјави Суарез.
Уругвај во петок ќе го пречека Парагвај во Монвидео во квалификацискиот натпревар за Светското првенство кое во 2026 година ќе се одржи во САД, Мексико и Канада.
Суарез дебитираше за Уругвај во 2007 година и беше дел од репрезентацијата која заврши на четвртото место на Светското првенство во Јужна Африка во 2010 година, додека во 2011 година со Уругвај го освои јужноамериканското првенство. На почетокот на оваа година тој го освои третото место со Уругвај на Копа Америка, а токму тој го постигна победничкиот гол против Канада во дуелот за бронза.
„Мојот сон беше моите деца да ме видат како освојувам нешто големо со репрезентацијата. Последниот гол им врати убави спомени иако не се вративме дома со трофејот. „Можев да се збогувам со репрезентацијата веќе тогаш, но откако размислив, решив како сакам да го направам тоа на мојот стадион, опкружен со мои луѓе“, додаде Суарез.
Суарез моментално е член на американскиот МЛС клуб Интер од Мајами каде настапува заедно со соиграчите од славните денови на Барселона Лионел Меси, Серхио Бускетс и Жорди Алба и претходно најави дека Мајами ќе биде последниот клуб во неговата кариера.