Луис Енрике доби отказ од фудбалската селекција на Шпанија

Фудбалската федерација на Шпанија му врачи отказ на селекторот Луис Енрике, само неколку дена откако „Црвената фурија“ забележа елиминација во осминафиналето од Светското првенство во Катар од селекцијата на Мароко по изведувањето на пеналите. Веста ја потврдија и од Фудбалската федерација на Шпанија.

„Спортскиот дел од раководството на Шпанската Фудбалска Федерација поднесе извештај до претседателот во кој се бара да биде отпочнат нов циклус во шпанската фудбалска федерација. По согласноста добиена од претседателот Луис Рубиалес, спортскиот директор Хозе Франциско Молина оваа одлука му ја соопшти на селекторот Луис Енрике“, се вели во соопштението на шпанската куќа на фудбалот.

Огромен фаворит во трката за нов селектор е Луис де ла Фуенте. Станува збор за 61-годишен стратег кој од 2013 работи како дел од младинските селекции, најпрвин како селектор на У19, а од 2018 и како селектор на У21 репрезентацијата на „црвената фурија“.

Шпанците се со став дека Де ла Фуенте заслужува да добие шанса за работа и со најдобрата селекција, а неговото официјално именување би требало да се случи до крајот на годинава.