Фудбалската селекција на Шпанија по пауза од 32 години година е олимписки шампион!
Во драматично финале по продолженијата падна домашната селекција на Франција со 3-5, откако во регуларниот дел резултатот беше 3-3.
„Триколорите“ имаа старт како што посакуваат поголемиот дел од фановите на трибините, откако Милот ја искористи грешката на шпанскиот голман Тенас и донесе водство за Франција од 1-0. Но, домашната радост кратко траеше, затоа што Шпанија одигра неверојатни десет минути во кои постигна дури три гола.
Резултатот го израмни Фермин Лопез, по асистенција на Баена, а во 25. минута младиот ас на Барса одново беше кобен за домаќинот и Шпанија направи пресврт и поведе со 1-2. Но, тоа не беше сè од налетот на Шпанците, бидејќи најдобриот момент на натпреварот се случи во 28. минута кога Беана биеше од слободен удар и на својата селекција ѝ донесе сигурни 1-3, резултат со кој се замина на одмор.
Во финишот од првиот дел Франција имаше неколку шанси за намалување на негативата, но мрежата на Тенас остана незатресена.
Во вториот дел избраниците на Анри немаа друго решение освен да го нападнат противничкиот гол. Поранешниот ас на Арсенал и Барселона со неколку замени го освежи тимот, но Шпанија одлично се бранеше и не дозволуваше домаќинот да се разигра.
Но, Франција одново покажа карактер, исто како и против Египет во полуфиналето, и се врати целосно во игра. Во 78. минута Магнес Аклиуче најдобро се снајде во казнениот простор на Шпанија и намали на 2-3, додека во судиското надополнување Матета беше сигурен од 11 метри за израмнување и продолженија.
Во дополнителните 30 минути Шпанија одново ја презеде контролата на теренот, а тоа резултираше со супер-гол на Камељо кој го лобоваше Рестес за ново водство на „фуријата“ (3-4).
Откако во последните минути Франција целосно се отвори, Камељо со нов погодок стави печат на победата и златен медал за Шпанија.