
Пратеникот од Продолжуваме со промените и поранешен министер за иновации Даниел Лорер во интервју за бугарската Нова ТВ го коментира случајот со претепувањето на секретарот на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков, нагласувајќи дека случајот се политизира и дека се игнорираат неколку важни факти.
„Господинот кој беше нападнат во Македонија не е бугарски државјанин. Тој се дефинира себеси како личност со бугарска самосвест. Бугарија пред сè мора да ги заштити своите граѓани. Меѓутоа, еден од оние што го нападнаа е бугарски државјанин. Зошто да не зборуваме за него? Што правиме во врска со него?“, праша Лаурер во интервјуто за Нова ТВ вчера.
Македонските власти, вели поранешниот министер за иновации на Бугарија, во случајот реагираа многу брзо и додава дека она што Бугарија сега треба да го направи е да им остави доволно време на македонските институции да утврдат дали станува збор за злосторство од омраза или не.
Надоврзувајќи се на прашањето на новинарката, Лорер се согласува со позицијата на македонскиот претседател Стево Пендаровски дека случајот во Бугарија се политизира и дека позицијата на Продолжуваме со промените е нивно намалување.
„Точно така, прашањето се политизира. Нашата позиција е тензиите да се намалат за да може да почне да работи дипломатијата. Ние треба да им дадеме време на македонските институции да откријат дали навистина станува збор за случај на омраза што е апсолутно недозволиво и тогаш ЕУ треба да ја одигра својата улога или не. Тоа е нешто кое што треба да го утврдат македонските институции и треба да им го дадеме неопходното време“, вели пратеникот од редовите Продолжуваме со промените и поранешен министер во владата на Кирил Петков.