Локални избори во Турција: Првите резултати и даваат предност на опозицијата во Истанбул и Анкара

Делумното пребројување на гласачките ливчиња и излезните анкети вечерва во Турција, каде што се затворени избирачките места за локалните избори, и даваат предност на опозицијата во Истанбул и Анкара и покрај напорите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Според излезните анкети и врз основа на 33 отсто преброени гласови, опозицискиот градоначалник на Истанбул во заминување од Републиканската народна партија (ЦХП) Екрем Имамоглу доби 49,7 отсто од гласовите, а неговиот ривал од владејачката Партија на правдата и развојот Бинали Јилдирим 41,5 проценти.

Во Анкара, градоначалникот на ЦХП во заминување, Мансур Јавас, освои 57,1 отсто наспроти 35,6 отсто за неговиот противкандидат, откако беа преброени 15,4 отсто од гласачките кутии.

Ердоган, кој е на власт повеќе од две децении, вложи посебен напор во кампањата, особено во Истанбул, економската и културната престолнина на земјата каде што беше градоначалник во 1990-тите и која премина во рацете на опозицијата во 2019 година.

Во Измир, третиот по големина град во земјата, опозицијата сигурно ќе победи.

На изборите се избираат градоначалници на 81 престолнина, како и членови на парламенти и совети на провинции и општини, па се до ниво на месни заедници во најмалите села, со мандат од пет години.

Според турскиот закон, учеството на изборите е задолжително, а граѓаните кои нема да го сторат тоа може да бидат казнети. На парламентарните и претседателските избори во мај 2023 година, казната за непојавување на изборите изнесуваше околу девет евра.