Локалните власти во Србија се задолжени со 358 милиони евра

Најголемиот град во Србија - е и најзадолжен и според податоците од Управата за јавен долг, долгот на Белград на 28 февруари 2025 година изнесувал 25,6 милијарди динари

Локалните власти во Србија се задолжени 42 милијарди динари (358,3 милиони евра), според податоците од Управата за јавен долг евидентирано на 28 февруари оваа година и тоа е 0,4 проценти од БДП, според најновиот достапен месечен извештај, јави дописникот на МИА од Белград.

Од тој износ, 15 милијарди динари претставуваат гарантиран долг, додека преостанатиот, поголем дел од 27 милијарди динари е негарантиран долг.

Најголемиот дел – дури 88,1 отсто – е јавен долг во евра, додека преостанатите 11,9 проценти се долг во динари.

На Европската инвестициска банка која е најголемиот индивидуален доверител на локалните власти во Србија, општините и градовите и должат 15,2 милијарди динари.
Потоа следува Банка Интеза со побарување од 9,4 милијарди динари, потоа ЕБОР (Европска банка за обнова и развој) со 5,1 милијарда динари.

Повеќе од половина од износот на долгот се отплаќа со фиксни каматни стапки (53%), а остатокот со променливи каматни стапки.

Најголемиот град во Србија – е и најзадолжен и според податоците од Управата за јавен долг, долгот на Белград на 28 февруари 2025 година изнесувал 25,6 милијарди динари. Нови Сад должи 6,25 милијарди динари, Врање – 1,2 милијарди динари.

Другите градови се задолжени со помалку од една милијарда динари секој.

Крагуевац должи 925,9 милиони динари, Нови Пазар 609,8 милиони динари, Панчево 542,8 милиони динари, Чачак 475 милиони динари…