Даден е рок за екстрадиција на Љупчо Палевски Палчо од Турција, кој е осомничен за грабнувањето и двојното убиство на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот Панче Жежовски. Палевски по распишаната меѓународна потерница беше фатен во турскиот град Беликесир, каде од декември е во екстрадициски притвор. Но, конкретен датум до кога тој би бил испорачан во земјава, министерот за правда Кренар Лога не соопшти.
„Ни дадоа некој рок. Како и да е јас не сакам да кажувам такви детали, бидејќи таа работа зависи од нив и не од нас’, рече Лога.
Лога уште еднаш повтори дека при неговата неодамнешна посета во Турција бил информиран дека процедурата во судовите е завршена, по што потпис треба најпрвин да стави министерот за надворешни работи, па потоа и министерот за правда. Очекува екстрадицијата да биде брзо спроведена.
„Значи нема друга комуникација официјална, освен тоа што веќе сите работи се затворени и сите постапки се на време. Неофицијално сме комуницирале и денеска значи од тука баравме информација дополнителна кога би била испораката на Палевски“, додаде Лога.