Лога: И да ни се разделат патиштата, ова да го направиме како цивилизирани луѓе

„И да ни се разделат патиштата, ова да го направиме како цивилизирани и семејни луѓе“ апелираше денеска генералниот секретар на Алијанса за Албанците и министер за правда Кренар Лога.

Тој повика на самоконтрола и смиреност кај членството додека, како што рече, сите во партијата се обидуваат да го изнајдат правиот и вистинскиот пат.

„Можеме да имаме недоразбирања и несогласувања, но воопшто не треба да се одалечиме еден од друг од нашата заедничка куќа. Додека сите заедно се трудиме да го изнајдеме правиот и вистинскиот пат, повикуваме на самолонтрола и смиреност. Ние сме поминале многу настани заедно, како радосни така и тажни. Заради тоа апелираме и да ни се разделат нашите патишта, ова да го направиме како цивилизирани луѓе и семејни луѓе“ – пишува Лога на Фејсбук.

Освен што повика на смиреност, тој го осуди вчерашниот напад на членови на Алијанса за Албанците, меѓу кои и директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Дритон Небиу, како и денешниот инцидент кога пред куќата на партискиот лидер – Арбен Таравари беше пронајден наиспукан куршум.

„Го осудуваме секој ваков чин на насилство од кого било. Насилството не е решение. Нека полициските органи го обелоденат случајот и виновниците да се изведат пред лицето на правдата. Сме биле толку многу пати заедно што ни треба за да си го одржиме достоинството пред членовите на нашите семејствата“ – додаде Лога.