Лога: За исти врвни органи на правосудниот систем има двојни аршини

Контрадикторни се одлуките на Советот на обвинители и Судскиот совет во однос на постапките околу обвинителката Ленче Ристоска и претседателката на Советот Весна Дамена, вели во интервју за РСЕ, министерот за правда Кренар Лога

За случувањата во Судскиот совет, тој вели „со многу загриженост ги следиме сите настани таму. Веќе го имаме кажано нашиот став – Дека ова нема да придонесе за зголемување на довербата во правосудниот систем. Очекувам и повикувам на разум и што побргу сите овие настани да се минато во нашето општество и нормалната работа да биде дел од работата во иднина на овој орган, што е многу значаен за правосудниот систем“.

На прашање дали е контрадикторно тоа што Советот на јавни обвинители најави дека ќе покрене постапка против обвинителката Ленче Ристоска, којашто во јавноста изјави дека ова тело е извод на трговија со влијание, а од друга страна Судскиот совет не покрена дисциплинска постапка против претседателката Весна Дамева, Лога вели:

„Да, сите овие настани не се во нормални околности. Јас заедно со Кабинетот ги имаме разгледано овие случувања и дискутираме меѓу себе како е можно за истите врвни органи на правосудниот систем да има двојни аршини. Во едниот да се дава можност без расправа, без причина и без дисциплинска постапка да се разрешува, а во другиот дел, само за една изјава која треба исто така да се докаже дале е или не е така, да се побара во итен рок да се одговара дисциплински“.

Министерот за тоа каква одговорност треба да се бара од судиите коишто долго време чуваат предмети во фиока рече дека „и пред да истече рокот, јас со две различни писма побарав од Судски совет да преземаат мерки овие предмети да не застарат. За жал, ништо не е преземено до нивна страна, и дојдовме до оваа ситуација не само од јавности, туку и од меѓународната заедница да имаме силна реакција. Судскиот совет треба да е експедитивен“.

На прашање на РСЕ како очекува да помине во Собрание предлогот за уставните измени ако се знае дека работната група за измена на Уставот е конституирана и без поддршка од опозицијата, тој вели:

„Мене ми е жал што ВМРО-ДПМНЕ не е дел од оваа група. Јас ги повикувам уште еднаш да бидат дел од успехот на патот кон европска иднина на Македонија и верувам дека овие се храбри луѓе кои што прифатија да бидат дел од оваа работна група. Тоа се извонредни луѓе бидејќи, во вистинскиот момент најдоа време иако знаеја дека ќе бидат оцрнети од дел од јавноста да го дадат својот придонес за ние да станеме дел од фамилијата на ЕУ. И верувам дека со нив ќе имаме успешна приказна која треба на јавноста да и ја прикажеме пред да ја усвоиме во Собрание. Ние го имаме делот на изготвување, а предлагач ќе биде Владата и во тој дел ние нашата работа за кратко време ќе ја преставиме пред вас“.