Лога до Ковачки: Европски Фронт е тука како гаранција дека државата ќе се движи напред

Министерот за правда и генерален секретар на Алијанса за Албанците, Кренар Лога му возврати на Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ, кој го обвини дека поткупува гласачи во третата изборна единица.

„Да не им дозволиме нови 4 години за да крадат. Ковачевски му ја даде Македонија на Али Ахмети само за да опстои на власт дозволи Македонија да стане држава на криминал и корупција, Македонија на сиромашни граѓани, Македонија каде економијата е на дното. Ковачевски е само еден обичен полтрон на Али Ахмети, а Стево Пендаровски нем набљудувач. Да не им дозволиме затоа што нивната цел е целосно да ја уништат Македонија, нашата Македонија која ја градиме години наназад и за која се бореле генерации и генерации“ рече Ковачки.

Следуваше реакцијата на Лога.

„Ја примив Вашата порака. Го знам Вашиот интелектуален капацитет нереформиран кадар кој за среќа, во земја членка на НАТО нема преспектива и нема можност за добивање безбедносен сертификат, што за Ваша несреќа долгосонуваната позиција Министер за одбрана станува неостварлива.

Оваа закана чувајте ја за себе. Во исто време Ви благодарам што нè мотиварате дополнително. Овие бесмислици од минатиот век, народски речено, не држат вода кај нас. Ќе ме имате секој ден во секој дел на оваа заедничка држава. Мојата Македонија е побогата од Вашата. Европска Македонија е далеку поубава и поперспективна за разлика од Вашата Македонија, која е регресивна, изолирана, и е со тефтерче против своите граѓани. Неспособен полковнику, како Европски Фронт тука сме како гаранција дека оваа држава ќе се движи напред и дека оваа држава е на сите граѓани, како на македонците така и на сите останати од третата изборна единица…
– 9308 Роми;
– 8628 Албанци;
– 5590 Турци;
– 5199 Бошњаци;
или вкупно 28725 гласачи незастапени во Собранието на Северна Македонија.

И за крај коригирајте се, нема да има еден пратеник туку минимум три, бидејќи носител е проф. д-р Сулејман Баки (горд турчин на оваа држава), а втор на листата е Џевдет Садику (горд Албанец од вашата Северна Македонија)“.