Лично на Ангелов да се пријават инспекторите кои бараат пари за некакво одобрение

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов денеска ги повика граѓаните да му пријават лично нему ако некој од Дирекцијата им бара пари за да добијат одредено одобрение.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Стојанче Ангелов денеска ги повика граѓаните да му пријават лично нему ако некој од Дирекцијата им бара пари за да добијат одредено одобрение.

„Во јавноста постојат многу шпекулации и оговарање дека инспекторите од Дирекцијата бараат пари за да завршат некоја работа. Јас такви информации сè уште немам, но ги повикувам граѓаните на кои ќе им бидат побарани пари да ми се јават мене лично. Јас ќе најдам начин како да се реши проблемот, а ќе пријавам и во Министерството за внатрешни работи и во Обвинителство. Проблемот е што нам ни фалат инспектори и затоа се чека на издавање на одобренија за противпожарна заштита. Имаме само 15 инспектори, а потребни се најмалку 35“, рече Ангелов.

Според него, состојбата со пожарите е загрижувачка бидејќи преку цела година има голем број пожари, но смета дека Дирекцијата е подготвена за справување. Еден „ер трактор“ е целосно во функција, деновиве се очекува да дојде вториот од сервис, а за третиот сè уште не се знае кога ќе биде во функција.

„Завчера потпишав договор со двајца пензионирани пилоти на две години и сега имаме три пилоти. Се надевам дека догодина ќе успееме да ангажираме уште три пилоти и со тоа ќе може ‘ер трактори’ цел ден да летаат. Еден пилот може да лета во текот на еден ден два пати по три часа и затоа не може цел ден да се интервенира. Затоа ги повикувам сите пилоти да се пријават за да бидат ангажирани кај нас, да ги поминат сите потребни обуки и да можеме наредното лето да бидеме со 6 пилоти“, рече Ангелов.
Тој појасни дека секој што има каква и да е лиценца за управување со воздухоплов, може да се дообучи за летање со „ер трактор“, па не е исклучено и од 27 нови пилоти што ќе ги субвенционира Владата, некој да биде оспособен за гасење пожари.

Според Ангелов, најлесно е гасењето со авион, затоа што за него е потребен еден пилот, додека за хеликоптерите, потребни се најмалку двајца, за помалите, а за поголемите и еден навигатор и еден што управува со ведрото со кое се носи вода.

Дополнително, најави дека деновиве ќе има промоција на пренаменетите воени возила, кои биле опремени со резервоари од 6.000 литри вода, и пумпи што овозможуваат млаз од 100 метри. Тие биле префарбани во црвена боја, со новото лого на ДЗС. Не прецизира за колку возила станува збор, но рече дека во некое од нив сигурно се возел кога бил во војската.

Ангелов апелираше до граѓаните кои имаат куќи и викендици по македонските села кои се напуштени да водат грижа за своите дворови, затоа што дворовите се обраснати со трева по еден метар и затоа пожарите се шират и во места каде има куќи.