Литванија уапси лица поради шверцерски балони што го затворија аеродромот во Вилнус

Литванските власти уапсија неколку лица во врска со балони на топол воздух кои пренесувале шверцувана стока и предизвикаа привремено затворање на аеродромот во главниот град Вилнус, соопштија денеска надлежните институции.

Литванските власти уапсија неколку лица во врска со балони на топол воздух кои пренесувале шверцувана стока и предизвикаа привремено затворање на аеродромот во главниот град Вилнус, соопштија денеска надлежните институции.

Раководителот на Националниот центар за управување со кризи, Вилмантас Виткаускас, изјави дека од вкупно 25 балони што влегле во литванскиот воздушен простор за време на викендот, досега се пронајдени 10, а потрагата по останатите продолжува.

Воздушниот сообраќај над Вилнус беше прекинат вчера наутро, кога балоните биле забележани над градот.

Според властите, балоните биле користени од шверцери за нелегално пренесување цигари преку границата со Белорусија. Неколку осомничени се уапсени при обид да ја извлечат шверцуваната стока, но не се откриени детали за нивниот идентитет.

Литванско-белоруската граница е долга 679 километри и претставува надворешна граница на Европската Унија. Главниот град Вилнус се наоѓа само 30 километри од неа.

Граничарите сметаат дека балоните можеби навлегле подлабоко во територијата на Литванија поради силен ветер, бидејќи биле пуштени не од самата граница, туку подалеку од белоруска територија.

Според литванската гранична полиција, ваквите балони на топол воздух обично се издигнуваат вертикално и летаат на голема височина, што ги прави тешко забележливи за радарите.