Макфакс објавува дека ликвидираниот македонски државјанин во Грција, Орхан Бајрами – Оки и е познат на македонската јавност како дел од мафијашкото подземје. Го сметаа за неформален лидер на т.н. групата „Дуќанџик“. Беше инволвиран во неколку вооружени инциденти, а познат е и за македонската полиција. Според неофицијални информации на грчките медиуми, убиството на Бајрами-Оки, било извршено од неколку лица, со пиштоли, од кои испукале дваесетина куршуми.
Пред неговото убиство, во март годинава, беше убиен негов близок пријател, Јетон Кривањева – Жила, во Старата скопска чаршија. Слично како и убиството на Оки, и во случајот на Жила, убиството беше извршено од неколку лица кои со автоматски пушки влегоа во кафуле и пукаа. Жила, исто како и Оки, важеше за еден од главните водичи на „Дуќанџик“.
Пред 14 години, исто така во јули месец, беше убиен Агим Шерифи од Синѓелиќ, кој пак е вујкото на сега ликвидираниот Орхан Бајрами – Оки. Шерифи беше фрлен во депонија. Роднинската врска меѓу нив двајца е преку сестрата на Шерифи, чиј внук е Оки.
Групата чиј неформален водич беше Орхан Бајрами – Оки, се поврзуваше и со пукањето во хотелот „Александар Палас“. Додека членови на „Дуќанџик“ седеа внатре, непознати напаѓачи пукаа кон хотелот.
За сите овие убиства, досега, нема ниту осомничени, ниту осудени сторители.
Досега, грчките медиуми известија дека 39-годишен бизнисмен, сопственик на казино во Македонија е застреланиот од непознати лица на Халкидики со над 20 куршуми, а неговиот пријател е тешко ранет. Орхан Бајрами (роден 1984 година) е мртов, а Сеад Слезовиќ (1978) е повреден. Двајцата бизнисмени биле активни во Македонија, во казино и фабрика за пијалоци, пишуваат грчките медиуми.