Лидија Димова доби затворска казна од две години

Основниот кривичен суд во Скопје ја прогласи за виновна поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова за кривичното дело злоупотреба на службената позиција и овластување и ѝ досуди казна затвор во траење од две години.

Основниот кривичен суд во Скопје ја прогласи за виновна поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова за кривичното дело злоупотреба на службената позиција и овластување и ѝ досуди казна затвор во траење од две години.

Димова, исто така, мора да плати судски надоместок од 10 илјади денари и да ги подмири судските трошоци, како и во период од шест месеци да ја надомести штетата од 22,7 милиони денари на Националната агенција.

Судијката Фанка Јанчулева Михаиловска ја ослободи Димова за делото измама, како и третообвинетата Ана Павлиду за „несовесно работење во службата“.

Димова со непрофесионално и негрижливо работење овозможила незаконита имотна корист на трети лица, со што е причинета штета од 2,818 илјади денари на Европските фондови.

„Во делот на измама на штета на европски фондови не е опишан начинот на кој е извршено делото и не е јасно наведено на кој начин, дали и како биле искористени лажните податоци. Без вакви елементи недостига основ на делото измама и судот беше спречен објективно да оцени дали обвинетата пропуштила и дала невистините податоци и со тоа предизвикала штета на фондови на ЕУ. Судот во тој дел беше должен да донесе ослободителна пресуда“, рече судијката. Застапник на обвинението е обвинителката Сузана Мирческа Кузмановска.

Обвинението против Димова е подигнато во јуни 2022 година.

Според Обвинителството, Димова во периодот од 2018 до 2020 година, како одговорно лице – директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, со намера да прибави значителна имотна корист за друго лице, ја злоупотребила својата службена положба и овластување и постапила спротивно на одредбите од Законот за јавни набавки и Законот за основање на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

Игнорирајќи ги принципите на законитост, еднаквост и транспарентност, без да објави јавен оглас, не постапила совесно, стручно и непристрасно и ги дискриминирала потенцијалните кандидати, овозможувајќи фаворизирање на повеќе надворешни лица со кои склучила индивидуални договори и ги ангажирала како соработници, експерти, обучувачи и слично.