Лидерите на Франција, Германија и Италија на средба со Зеленски во Киев

Претседателот на Франција, канцеларот на Германија и премиерот на Италија денеска се сретнаа со украинскиот претседател – Володимир Зеленски во Киев.

Западноевропските лидери отидоа во Украина за да ја уверат земјата во европската солидарност против руската агресија додека во меѓувреме продолжуваат борбите во Донбас.

Заедно со „големата тројка“ беше и романскиот претседател Клаус Јоанис.

Украина претходно ги критикуваше Франција и Германија дека се двоумат и бавно доставуваат помош во оружје.

Четворицата лидери, кои допатуваа во Киев во воз од Полска, претходно прошетаа низ урнатините на предградието Ирпин.

Шолц на Твитер напиша дека Ирпин, како и Буча, каде што руските војници се обвинети за воени злосторства, стана симбол на „незамисливата суровост“ на руската инвазија врз Украина.

Драги, пак, вети обнова на сè што е уништено, меѓу што и градинки и игралишта.