Министерот за животна средина, просторно планирање и инфраструктура на Косово, Либурн Алиу, изјави дека Приштина очекува С. Македонија да започне со изградба на автопатот Призрен – Тетово.
Според Алиу, оваа инвестиција е од големо значење за двете земји, бидејќи ќе придонесе за развојот на зимскиот туризам и ќе има позитивен ефект врз економијата.
Во изјавата за порталот „Економија онлајн“ (ekonomiaonline.com), Алиу истакна дека косовската страна ги завршила обврските за делот од патот што се протега од Стружа до приклучокот на автопатот „Ибрахим Ругова“.
Тој додаде дека, по потпишувањето на договорите помеѓу двете влади и ратификацијата на овие договори во Собранието, започната е реализацијата на проектот.
На косовската страна, работата на делот од патот од јужниот излез на автопатот „Ибрахим Ругова“ кај Призрен до близина на тунелот веќе е во тек, тендерските процедури се завршени, а договорот е потпишан.
На 14 август, косовскиот премиер Албин Курти заедно со министерот Алиу го посети почетокот на работите на патот Призрен – Тетово.
Курти изјави дека овој пат ги поврзува двата историски града на соседните земји и е од особено значење за граѓаните и економијата.