Лесна победа за Ѓоковиќ и враќање на број 1 позицијата на АТП

Новак Ѓоковиќ за две недели и официјално повторно ќе биде најдобар играч на светот откако лесно ја прескокна првата пречка на УС Опен.

Србинот на стадионот „Артур Еш“ во три сета го совлада Французинот Александре Мулер со 6:0, 6:2, 6:3.

Со оглед на тоа што Карлос Алкараз ја брани титулата во Њујорк, а Ѓоковиќ не играше на последниот Грен слем сезонава лани, овој триумф обезбеди негово враќање на позицијата број 1 дури и ако испадне во следната рунда, а Шпанецот повторно да го освои турнирот.

Новак за две недели на новата листа ќе има најмалку 70 поени повеќе од Алкараз.

Самиот меч беше лекција по тенис на Новак. Посебно првиот сет во кој ги однесе сите шест гема со 15 победници и само четири неизнудени грешки.

Во продолжение Французинот се запиша на семафорот во третиот гем од вториот сет. Во шестиот гем дури и го одзеде сервисот на Новак, но никогаш не му се закани.

За помалку од еден час веќе беше 6:0, 6:2.

Милер повеќе или помалку најде ритам на сервис во третиот сет. Се држеше до 3:3, а потоа Ѓоковиќ го направи седмиот „брејк“ во мечот и рутински го приведе мечот кон крајот.

Следен противник на Ѓоковиќ ќе биде Шпанецот Бернабе Запата Миралес, кој во три сета го нокаутира Американецот Итан Квин.