Лесер: За САД проширувањето на ЕУ е европско прашање, Трамп нема да го промени тоа, вели политикологот

Мислам дека е сосема точно оти има влади и голем дел од јавноста во Европа на кои им е совршено удобно со победата на Трамп. Но, тоа генерално не е така и тука има многу непријатности, без разлика дали се работи за трговијата, за економија или за планирање на одбраната. Постои голема загриженост за тоа што би значела новата администрација на Трамп и мислам дека генерално постои верување оти овој пат во неговата агенда би можело да има поизразен и поостар фокус на одредени клучни политички прашања и може и да биде уште поефективен во нивното извршување, вели првиот човек на канцеларијата на ГМФ во Брисел.

На проширувањето на ЕУ со земјите од Западниот Балкан или други држави, САД гледаат како на европско прашање за кое одлучуваат Европејците и не сум сигурен дека ќе има особено силни ставови околу тоа од новата американска администрација на Доналд Трамп, вели американскиот политиколог и раководител на канцеларијата на Германскиот маршалов фонд (ГМФ) во Брисел, Иан Лесер во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР), од која дел е и МИА.

– Мислам дека генерално ќе има помал интерес за ЕУ како институција и ќе има тенденција на одредени области во европското соседство да се гледаат како основна одговорност на Европа, вели Лесер.

Тој оценува дека на Балканот и на Медитеранот, или барам на дел од него, САД гледаат како на европско соседство и тоа би можел да биде аргумент за споделување на одговорноста.

– Мислам дека тоа е она што би го направил (Трамп). Тоа е она што би го очекувал од таа администрација на тоа поле, истакна Лесер.

Според него, победата на Трамп на претседателските избори во САД на 5 ноември не претставувала изненадување за ЕУ, бидејќи во Брисел веќе постоела проценка дека тоа, „ако не е најверојатно, секако е многу веројатно сценарио“ за изборниот исход.

– Мислам дека она што ги изненади луѓето од двете страни на Атлантикот беше убедливата победа на Трамп, како во гласањето на луѓето, така и во Изборниот колеџ. Големината на неговата победа, исто така, лежи и во фактот дека републиканците сега имаат контрола, односно ќе имаат контрола и над Претставничкиот домот и над Сенатот, а веќе имаа контрола и над Врховниот суд. Значи, тоа е многу моќен пакет кога ќе се земе заедно, што навистина му дава извонреден мандат на Трамп, смета Лесер.

Во однос на различните оценки во ЕУ во врска со идните трансатлантски односи, Лесер потсетува дека Европа еднаш веќе имаше искуство со администрација на Трамп и за многу европски земји тоа, според него, било „прилично непријатно“.

– Мислам дека е сосема точно оти има влади и голем дел од јавноста во Европа на кои им е совршено удобно со победата на Трамп. Но, тоа генерално не е така и тука има многу непријатности, без разлика дали се работи за трговијата, за економија или за планирање на одбраната. Постои голема загриженост за тоа што би значела новата администрација на Трамп и мислам дека генерално постои верување оти овој пат во неговата агенда би можело да има поизразен и поостар фокус на одредени клучни политички прашања и може и да биде уште поефективен во нивното извршување, вели првиот човек на канцеларијата на ГМФ во Брисел.

Лесер додава дека не треба да се крие фактот дека во Европа постои голема загриженост околу идните политики на Вашингтон, бидејќи во основа повеќето Европејци сакаат предвидливост од САД.

– А се сомневам дека втората администрација на Трамп ќе донесе поголема предвидливост, потенцира Лесер.

Во однос на новиот тим на Трамп, Лесер вели дека личностите што сега се номинираат се однесуваат на носители на високи функции, но дека има многу други функционери кои ќе бидат именувани во следните месеци и кои веројатно ќе имаат „многу изразени политички агенди“.

Според него, во претходната администрација на Трамп немало многу креатори на политики на високо и средно ниво кои чекале да добијат некаква функција, бидејќи многу малку верувале во неговата победа.

– Овој пат ќе ги има. Се чини дека тој посегнува по луѓе со многу силни политички и јавни профили, многумина контроверзни, дури и од неговата (Републиканска) партија. И воопшто не е сигурно дека сите номинирани всушност ќе бидат потврдени од Сенатот, дури и од Сенат под контрола на републиканците. Значи, во таа смисла, ќе треба да видиме, вели Лесер.

Тој во интервјуто за ЕНР, од која дел е и МИА, вели дека не е сеедно кој ќе раководи со кој ресор во САД, бидејќи многу одлуки на американската администрација имаат влијание врз Европа.

– Може да биде повеќе или помалку лесно да се справи со нив, особено за некои прашања каде Европа се гледа себеси како лидер, вели Лесер, нагласувајќи дека некои политики на САД би можеле „да го отежнат животот преку Атлантикот“.

Во тој контекст, според него, длабочината и значењето на трансатлантските односи, нема да исчезнат независно од политичките превирања, турбуленции или промени на двете страни на Атлантикот.

– Таа врската ќе продолжи и ќе продолжи да биде повеќе или помалку функционална. Мислам дека тоа е многу важно во однос на тоа дали Европа ќе се обедини како резултат на ова или не. И се чини дека е отворено прашањето дали Европа гледа на тоа како на можност и неопходност да ја зајакне својата интеграција, особено за работи како одбраната и економските иновации или пак земјите ќе одлучат да одат сами во извесна смисла и да започнат сопствени договори или повеќе да прифаќаат национални политики во однос на Вашингтон. Во трговијата тоа би било исклучително тешко, но за некои работи тоа би можело да биде можно. Тоа се две сосема различни иднини за Европа и ќе треба да видиме, заклучува Лесер.

Во однос на најавите на Трамп за ставање крај на војната во Украина, Лесер вели дека се чини оти тој верува дека може да ги доведе Москва и Киев на некој вид „корисни преговори“, ако не околу конечно мировно решение, тогаш барем за прекин на огнот.

– Мислам дека повеќето луѓе би го сакале тоа. Но, тоа што многумина не би сакале тоа да биде на штета на суверенитетот на Украина е сосема друго прашање. Мислам дека сигурно ќе се случи остра промена на досегашната пракса. Мислам дека сите го очекуваат ова – од претседателот Зеленски, па до претседателот Путин. Генерално, нешто веројатно ќе се помести. Како ќе заврши е многу нејасно, но очигледно тоа е приоритет за него, делумно затоа што би сакал да се фокусира на други работи, оценува Лесер.

Според него, Белата куќа под водство на Трамп би можела повеќе да се фокусира на ризиците во Азија и на справувањето со Кина, што би довело до преориентација на американската политика и инсистирање на САД за поголемо учество на Европа во споделување на товарот.

– Прашањето за споделување на товарот постои во секоја американска администрација, без оглед која партијата е на власт. Без сомнеж, Трамп ќе го покрене тоа (прашање) во негов, вообичаено многу силен, стил. Европа ќе мора да види како да одговори, вели Лесер.

Тој проценува дека тоа не е нешто што може да се направи преку ноќ, особено кога станува збор за одбранбена способност на Европа за одвраќање на Русија, за што ќе биде потребна долгогодишна работа и огромни инвестиции, дури можеби и промени во стратешката култура, нешто што, според него, Европејците не се подготвени да го преземат.

– Но, сето тоа ќе биде тестирано со новата администрација на Трамп. Мислам дека сценаријата, поекстремните сценарија за повлекување на САД од НАТО, на пример, не се многу реални. Мислам дека тоа е многу малку веројатно. Дали САД би можеле да го отежнат животот внатре во Алијансата како што тоа понекогаш го правеа во минатото? Секако дека може. Во таа смисла, тоа би можело да биде навистина доста, доста авантуристички период. Но, не гледам дека САД се повлекуваат од Алијансата. Едноставно не е во наш интерес да го направиме тоа, потенцира Лесер.

Според него, агендата на Трамп ќе биде повеќе фокусирана на домашната политика во САД, кога станува збор за економско заживување, трговијата и финансиите, но дека кога станува збор за надворешната политика, таа нема да биде изолационистичка.

– Генерално, мислам дека Трамп изгледа многу повеќе фокусиран на економските, отколку на безбедносните грижи, вели раководителот на бриселската канцеларија на ГМФ.

Лесер проценува дека една од областите каде политиката на Трамп би можела да се смета за контроверзна е онаа поврзана со климата.

– Очекувам дека кога Трамп ќе ја преземе функцијата, уште еднаш ќе се повлече од Парискиот договор за климата. Тоа ќе предизвика многу противења во Европа, затоа што за неа глобалната климатска политика има огромно значење… Мислам дека ќе биде многу, многу тешко да се постигне напредок (по прашањето на климата), доколку САД не се посветени на тоа, потенцира Лесер.

Според него, иако има различна политичка динамика на двете страни на Атлантикот за одредени прашања, во Европа постојат политички сили кои повеќе или помалку се идеолошки усогласени со Трамп во однос на миграцијата.

– Можно е изборот на Трамп да им даде еден вид нов поттик на овие политички сили во Европа. И повторно, агендата за миграција ќе биде на врвот. Мислам, дека Трамп оди дотаму што дури говори за депортирање на милиони, милиони мигранти без документи или со нејасен статус… Тоа би било нешто што можам да претпоставам дека Европа ќе го разгледува многу, многу внимателно, бидејќи има гласови кои повикуваат на слични постапки и од оваа страна на Атлантикот. Значи, сите гледаме дека има лекции што треба да се научат од сите страни – позитивни или негативни. Мислам дека тоа е една од работите што треба да се направи, заклучува Лесер во интервјуто за ЕНР, од која дел е и МИА.

Покрај тоа што е раководител на канцеларијата на Фондот во Брисел, Лесер е и шеф на програмата „ГМФ Југ“, која се занимава со истражувања и анализи на случувањата во Јужна Европа, Турција, Медитеранот и на односите Север-Југ. Тој беше и в.д. претседател на ГМФ од 2020 до 2021 година, а раководи и со Одделот за трансатлантската трговија и економија на Колеџот на Европа во Бриж.

Пред да се приклучи на ГМФ, Лесер беше истражувач за јавна политика во Меѓународниот научен центар „Вудро Вилсон“ и потпретседател и директор на образование на Пацифичкиот совет за меѓународна политика, а во периодот 1994-1995 година и член на тимот за планирање во американскиот Стејт департмент, одговорен за Турција, Јужна Европа, Северна Африка и за мировниот процес на Блискиот Исток.

Лесер има диплома од Универзитетот во Оксфорд и студирал на Универзитетот во Пенсилванија, Лондонската школа за економија и Школата за право и дипломатија „Флечер“. Тој е член на Советот за надворешни односи, Меѓународниот институт за стратешки студии и Пацифичкиот совет за меѓународна политика. Лесер е член и на советодавните одбори на Фондацијата „НАТО одбранбен колеџ“, Антверпенско-американската фондација, Атлантски дијалози и Економскиот форум „Делфи“, а бил и виш соработник на Фондацијата „Оназис“ и Лусо-американската развојна фондацијата.

Неговата стручност ги вклучува надворешната и безбедносна политика на САД, трансатлантските односи и европските и блискоисточните прашања.