Ленче Ристоска: Многу се зборува за корупцијата, малку се презема против неа

Борбата против корупцијата е приоритет и младите треба да бидат охрабрени да ја препознаваат и да станат отпорни на секојдневната корупција. Ова е главната порака од настанот „Мојот антикорупциски дневник“ чија цел е да ги едуцира младите и младите политички лидери за етичко лидерство и отчетно владеење. 

Борбата против корупцијата е приоритет и младите треба да бидат охрабрени да ја препознаваат и да станат отпорни на секојдневната корупција. Ова е главната порака од настанот „Мојот антикорупциски дневник“ чија цел е да ги едуцира младите и младите политички лидери за етичко лидерство и отчетно владеење.

Во изјава за медиуми пред почетокот на денешниот настан, говорниците истакнаа дека преку проектот се очекува младите да преземат иницијативи и да дадат предлози за подобрување на состојбите во партиските структури. Проектот разгледува различни механизми за пријавување на корупцијата и ја нагласува важноста на институционалните капацитети за ефикасна борба против корупцијата. Обуките имаат за цел да изградат поздраво општество каде што ќе владее правото, правдата и правичноста.

Вирџинија Елиот, директор на Канцеларијата за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (ИНЛ) при Амбасадата на САД, во изјава за медиуми истакна дека се радува што преку проектот ќе може да се видат повеќе млади луѓе кои се залагаат за поголема транспарентност и одговорност во секојдневниот живот.

– „Мојот антикорупциски дневник“ е проект да ги охрабри младите да препознаат и да станат отпорни кон секојдневната корупција и да рефлектираат како таа влијае на нив и општеството, рече таа.

Обвинителката за врски со Европравда, Ленче Ристоска, истакна дека целта на проектот е да ја адресираат корупцијата од едно на друго ниво, а тоа е од нивото на оние кај кои што е одлучувачката моќ во иднината.

– Ги избравме младите и младите политички лидери бидејќи веруваме дека со промоција на едно етичко лидерство на еден нов стандард во владеењето навистина ќе може да се соочиме со предизвиците што ни ги поставува корупцијата. Впечатокот ни е дека досега многу се зборува за корупцијата, меѓутоа резултатите изоставуваат и затоа сметаме дека со адресирање на овој проблем токму кај младите и со јакнење на нивните капацитети за препознавање и градење на отпорност кон корупцијата дека ќе можеме како општество да имаме навистина значителни резултати во борбата против корупцијата, рече Ристоска.

Во однос на прашањето како ќе ги охрабрат младите да ги пријавуваат овие случаи кога довербата во правосудството има навистина низок процент, одговори целта на овој проект е да се разгледаат сите механизми што им стојат на располагање на младите.

– Мислам дека не е само правосудството единствениот орган каде што може да се пријави корупција. Целта на овој проект е токму да ги разгледаме сите механизми коишто стојат на располагање на младите. Вчера имавме работилница со средношколци и бевме пријатно изненадени за нивото на кое младите ја чувствуваат корупцијата и колку се свесни за значењето каков импакт има корупцијата врз нивните животи, така што во оваа серија на работилници ќе работиме и на тоа да се зајакнат механизмите на коишто може да се пријави корупцијата и се разбира, отворени сме секогаш за критика, дополни таа.

Ристоска верува дека знаењата и вештините што младите политички лидери ќе ги научат во рамки на овој проект, ќе ги имплементираат и внатре во партиските структури. – Веруваме дека со тоа ќе се зајакне и капацитетот генерално на сите политички партии. Очекуваме самите млади лидери во рамки на политичките партии да преземат иницијативи, дадат некои предлози од она што како идеи ќе го стекнат во рамки на овој проект, очекуваме чекор по чекор еден ден да имаме навистина значителни резултати, посочи Ристоска.

Според судијата Бетим Јахја, овие обуки треба да помогнат во борбата против корупцијата, која има ендемски размери во нашата држава. – Целта е да се изгради поздраво општество каде што ќе владее правото, правдата и правичноста и корупцијата ќе се потисне што е можно повеќе, рече Јахја.

Според републичкиот обвинител Љупчо Коцевски, борбата против корупцијата е врвен приоритет, но тоа е задача на сите граѓани, а не само на Јавното обвинителство. – Справувањето со корупцијата бара соработка со правосудството, медиумите и невладиниот сектор. Јакнењето на културата против корупција започнува од најрана возраст. Јавното обвинителство ги презема сите потребни чекори за ефикасна борба против корупцијата, рече државниот обвинител.

Проектот „Мојот антикорупциски дневник“ е поддржан од Амбасадата на САД и го спроведува Фондацијата ИДЕА, во соработка со алумните на Амбасадата на САД Ленче Ристоска, Бетим Јахја и Мите Кузевски.

Проектот вклучува три еднодневни работилници, на кои учесниците ќе го мерат почетното и стекнатото знаење за антикорупција и ќе развиваат вештини за препознавање и справување со корупцијата.

Покрај работилници, проектот ќе вклучува и водење онлајн антикорупциски дневник со кој учесниците ќе ги забележуваат антикорупциските активности што им се случуваат во секојдневието, без разлика дали лично ги доживеале или биле сведоци на такви дејства.