Ленин Јовановски: Приватните превозници продолжуваат со блокадите во Скопје

„Блокадите на приватните превозници во Скопје продолжуваат сè додека не се седне на маса со градоначалничката Данела Арсовска и не се изнајде законски соодветно решение“.

Ова го изјави денеска директорот на приватниот превозник „Слобода превоз“, Ленин Јовановски.

Тој најави дека е можно и одредено проширување на протестите. Очекува и останатите институции да се вклучат во наоѓање решение за овој проблем.

„Не може граѓаните да не критикуваат нас, треба да го критикуваат изворот на овој проблем, а тоа е кај градоначалничката која дозволи ова да се случи. Не смеат граѓаните да дозволат да имаат ваков градоначалник кој не се грижи за нивниот интерес“ – рече Јовановски.

Соопшти дека и до „Слобода превоз“ денеска е стигнато известување за раскинување на договорот со Град Скопје.

На прашање дали има едногласност од страна на приватните превозници дека нема да се пријават на повикот, Јовановски одговори дека никој од нив не би се пријавил знаејќи дека Градот веќе им должи пари.

„Дали овие превозници на кои веќе им се должи четири месеци ќе се пријават на некој оглас и повторно четири месеци ќе работат и финансираат во бизнисот, за повторно градоначалничката да каже дека не ги исплаќа и да ја тужат. Како може да има јавен повик и да очекува некој да се приклучи на нешто што таа нема намера да го плаќа“ изјави Јовановски.