Уште една иницијатива за референдум се најавува дека ќе биде поднесена во текот на наредната недела до Собранието од Левица. Оваа партија не го дефинира прашањето за кое вели дека ќе има негативна конотација, во согласност со духот на протестите против францускиот предлог.
Во случај и втората иницијатива да биде отфрлена од Џафери, Левица вели дека во координација со ВМРО-ДПМНЕ ќе го блокираат Собранието со поригорозни дејствија.
Од ВМРО-ДПМНЕ не го коментираа предупредувањето на Левица, но продолжија да ја критикуваат одлуката на претседателот на Собранието да ја отфрли нивната иницијатива.
Мнозинството и понатаму мисли дека референдумот, ќе ја наруши европската интеграција на земјата.
Првиот човек на Собранието Џафери ја отфрли иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ со образложение дека меѓународните договори ратификувани согласно Уставот се дел од правниот поредок и не можат да се менуваат со закон.