Во Македонија, најпрофитабилни во 2021 година се Стопанска банка АД Скопје, Комерцијална банка АД Скопје и НЛБ Банка АД Скопје, и тоа не само што се водечки меѓу банките, туку и меѓу акционерските друштва кои што котираат на Македонската берза.
Споредено со 2020 година, банките одлично се опоравуваат од пандемијата, а профитабилноста во 2021 година е зголемена за повеќе од 20%. Ваквата добивка е резултат најмногу поради зголемените приходи од провизии и надоместоци, кои се повисоки во 2021 година околу 18,5%.
Приходите од провизии и надоместоци имаат значајно учество во вкупниот приход и истите се движат околу 28%. При тоа, високата добивка во овие три банки е остварена со задржување на нивото на приходи од камати речиси на исто ниво во споредба со претходната година. Приходите од провизии се зголемени како резултат од зголемени приходи од ПОС терминали, повисоки приходи од услуги во платен промет во земјата и од трансакциски сметки.
И покрај тоа што во пандемиската 2020-та година, граѓаните масовно почнаа да користат електронско банкарство, приходите за провизии се многу повисоки во 2021-ва, што не кореспондира со начинот на плаќање. Граѓаните сè повеќе ги плаќаат сметките преку веб страниците на компаниите чии услуги ги користат, а овој начин на плаќање не генерира трошоци за провизија.
Левица ќе предложи законско решение за намалување на провизиите и надоместоците и нивно ограничување, со што овие навидум „безначајни“ трошоци, ќе останат во буџетот на граѓаните.