„Во услови кога институциите на системот затајуваат да ги заштитат националните и државните интереси, целосно оправдан е потегот на веќе приведениот Ламбе Алабаковски“ се вели меѓудругото во реакцијата на партијатаЛевица, откако се појави информацијата дека македонскиот поп-пејач е потпалувачот на вратата на бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“ во Битола.
„Слобода за Ламбе Алабаковски!“ – се вели во реакцијата на Левица
Од партијата додаваат дека денешното експресно апсење на Алабаковски кој го запали клубот, кој како што велат, го носи името на фашистот Ванчо Михајлов, потврдува дека власта на СДСМ и ДУИ е во служба на бугарскиот неоврховизам.
„Потсетуваме дека Левица пред еден месец поднесе кривична пријава против претседателот на здружението ‘Ванчо Михајлов’, поради излагање на подбив на македонскиот народ и предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа. За оваа кривична пријава, сè уште нема никаков одговор дали е поведена некаква постапка. Повеќе од месец дена во градот на Стив Наумов, пред очите на целата јавност и органите на прогонот, незаконски и скандалозно функционира клуб кој го носи името на џелатот на македонската кауза!“ – се вели во реакцијата на Левица.
Адвокатите Јанаки Митровски и Драган Пешевски на социјалните мрежи се понудија бесплатно да го бранат пејачот.