Партијата „Левица“ до Основното јавно обвинителство – Охрид поднесе кривична пријава до против Христијан Пендиков, генералниот секретар на неофашистичкото здружение „Цар Борис III“.
Според охридскиот огранок на партијата, Пендиков во интервју емитувано на 14 февруари 2023 година, на една од најгледаните телевизии во соседна странска држава, намерно дал лажни изјави и клевети кон македонскиот народ и Република Македонија. Според нив, пријавениот во контроверзното интервју ги изнел познатите негаторски тези на бугарскиот шовинизам дека „Македонците и Бугарите се еден ист народ”.
„Со ваквата изјава, Пендиков ја изложува на подбив Република Македонија, која е конституирана и постои како национална држава на македонскиот народ. Оваа изјава е дејствие директно насочено кон разгорување национална ОМРАЗА и нетрпеливост, изложувајќи ја на подбив македонската националност и оспорувајќи ја нејзината посебност и самобитност“, стои во образложението од „Левица“.
Според тоа, пријавениот се терети дека извршил стек на кривични дела: „Повреда на угледот на Републиката“ – казниво по чл. 178 од КЗ; „Излагање на подбив на македонскиот народ“ – казниво по чл. 179 од КЗ, како и „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“ – казниво по член 319 став 1 од законот.
Од „Левица“ уште посочуваат дека „доколку се воспостави практика на несанкционирање, институционален молк и обвинителски патернализам на ваквото омаловажување и обезвреднување на основните вредноста на Република Македонија, идентитетски обележја на Македонците и чувствата на македонските Евреи, во пракса може да се предизвикаат сериозни и несогледливи штетни последици по националните интереси и безбедност во иднина“.