Левица поднесе иницијатива за забрана на здружението „Ванчо Михајлов“ во Битола

„Епидемијата на неофашистички здруженија кои никнуваат на територијата на Македонија, под покровителство на пробугарските СДС и ДУИ, кои имаат за цел да провоцираат и промовираат фашистички и асимилаторски вредности, мора да запре! До Основното јавно обвинителство во Битола, Левица поднесе Иницијатива за забрана на работата на Здружението „Културен Центар Иван Михајлов“ – Битола, повикувајќи се на член 65 од Законот за здруженија и фондации“ се вели меѓудругото во соопштението од партијата Левица.

Оттаму посочуваат дека „во Статутот на Здружението „Културен центар Иван Михајлов“ Битола, донесен на Основачкото собрание на здружението, на седница одржана на 12 март 2019 година, се појаснува дека мисијата на Здружението е промоција на животот, идеологијата, рехабилитирање и осветлување на ликот и делото на Иван (Ванчо) Михајлов“.

„Неспорно е дека на граѓаните на РМ им се гарантира слободата за здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Меѓутоа, јасни уставни и законски одредби ги определуваат границите на остварување на оваа слобода. Со своите програмски цели и теренски активности за промоција на идеологијата и рехабилитирање на ликот и делото на Иван Михајлов, дејствувањето на Здружението е насочено токму кон разгорување на национална омраза и нетрпеливост, преземајќи активности кои се спротивни на Уставот и закон и се повредуваат слободите и правата на други лица“ велат од Левица.

Истакуваат дека „ноторен историски факт е дека според идеологијата на Иван Ванчо Михајлов, македонската нација и јазик не постојат! Здружението ја промовира оваа идеологија за промена на националната свест на македонскиот народ и во своите просотрии има поставено цитат од Иван Михајлов, во оваа насока“.

„Очекуваме Основниот суд, во итна постапка, да донесе решение со кое се прифаќа во целост предлогот на Основното јавно обвинителство Битола и се забранува работата на Здружението „Културен Центар Иван Михајлов“ – Битола“ велат од политичката партија.