Левица и ВМРО-ДПМНЕ договараат нов референдум против Договорот со Бугарија

Опозицијата не се откажува од намерата со референдум да го поништи Договорот со Бугарија. Откако пропадна првиот обид на ВМРО-ДПМНЕ, спикерот Талат Џафери ја отфрли иницијативата откако оценил дека е неуставна – сега Левица најави дека таа ќе се обиде со ново референдумско прашање. Иднава недела барањето ќе се најде пред претседателот на Собранието.

ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи иницијативата на Левица, ако таа е граѓанска и ако е против Договорот со Бугарија, потврди претседателот на партијата Христијан Мицкоски. Доколку Џафери и неа ја отфрли, Собранието ќе се соочи со целосна блокада, најави опозицијата.

Левица допрва ќе одлучи како ќе гласи референдумското прашање, но извесно е дека неговата формулација ќе биде таква за да сугерира одговор – „против“. Против Договорот со Бугарија, против францускиот предлог или комбинирано.

Ако Џафери ја отфрли и оваа иницијатива, пратеникот на Левица Борислав Крмов се закани дека, заедно со ВМРО-ДПМНЕ, целосно ќе го блокираат Собранието.

Мицкоски вели дека „ако се влезе во вителот на иницијативи што ќе бидат отфрлани, тогаш сме ја испуштиле суштината“.

По одбивањето на иницијативата за референдум, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ почна со нова тактика во веќе почнатата активната блокада на Собранието. Во комисијата за избор на уставните судии, на пример, почнаа да се водат рекордни, маратонски дискусии. Пратеничката Бети Стаменкоска Трајковска десет часа зборуваше зошто републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески не треба да биде нов уставен судија. Според листата на пријавени пратеници, за новите уставни судии да дојдат на пленарна седница, ќе поминат најмалку уште 20 дена, под услов Комисијата да заседава секој ден и на седницата да говори само по еден пратеник.