„Откако на 16.07.2022 година во Собранието на Македонија беше усвоен таканаречениот „француски предлог“, македонските интереси забрзано тргнаа да се спуштаат низ спиралата на национално обезличување“ велат од Левица.
По одржаниот брифинг на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, односно Комисијата за бугаризација на македонскиот народ, според Левица, се потврди дека работата на оваа комисија не се темели на никаква научност и независност – туку истата е продолжена рака на владејачкиот режим.
Поразот во Македонија веќе се слави како победа во Бугарија. Бугарските историчари ликуваат дека двегодишната битка за одбрана на бугарската позиција во историските спорови со Македонија стигна до прва победа.
Бугарската страна потврди дека е прифатено дека Цар Самуил е бугарски цар, учениците на Кирил и Методиј на покана на кнезот-покрстител Борис-Михаил го шират нивниот збор низ бугарското царство, а Преслав и Охрид се бугарски книжевни центри.
Парцијално и надвор од контекст ќе се толкува целиот период од почетоците на словенската писменост, кое е прашање што ги засега не само Македонците, туку и сите словенски народи. Како може јазикот на несловенски народ да биде темел на словенската писменост е прашање кое „научниците“ кои ја договориле ваквата интерпретација на историјата треба итно да го одговорат!
Оние кои беа на погрешната страна и поразени во Втората светска војна, денес ги диктираат нашите учебници – што е флагрантно кршење на суверенитетот на државата
Колку македонската држава деградирала и ослабнала во последните три децении, во време на капиталистичката демократија, говори фактот што како дел од Југославија, македонската држава била таа која ги ревидирала бугарските учебници, каде јасно стоело дека браќата Миладиновци, св. Кирил и Методиј и Самоиловата држава не може да се третираат како бугарски.
Под власта на пробугарската СДС и амнестираната ДУИ, Македонија секој ден доживува национални порази – дури и за прашања кои во минатото успешно ги затворила.
Драги Ѓорѓиев и сите останати членови на историската Комисија се ставија во служба на бугарскиот неоврховизам и се директни извршители на новото национално предавство, порачаа од опозициската партија.