Леб во маркетите има, се најавува замрзнување на цените на други производи

Лебот се врати на рафтовите во маркетите. Големите компании од изутрината почнаа да доставуваат откако владата им наложи да испорачуваат 80% од производството во декември.

По најавите за нови замрзнувања на цените, граѓаните кои ги анкетиравме велат дека државата треба да ја регулира цената за сите основни производи.

Тестенините и млечните производи се први на списокот на владата чии цени би можеле да замрзнат. Министерот за економија вчера обзнани дека уште следната недела анализите ќе бидат доставени до владата, а таа ќе одлучува дали овие производи ќе се продаваат по одредена максимална цена.

Пекарите се заканија, ќе ја тужат државата бидејќи според нивната пресметка индустријата до 31 мај, до кога мерката ќе биде во сила, ќе претрпела штета од 4,5 милиони евра.

Замрзнувањето на цените дојде како одговор од владата, откако компаниите кои произведуваат основни производи не ги намалија цените, или тоа го направија незначително иако од државата добија субвенционирана цена на струјата од 80 евра за мегават час.