Лебот, млекото и маслото се очекува да имаат цени пониски за 10 отсто откако компаниите ќе добијат поевтина струја

Од Владата очекуваат дека со намалувањето на трошоците за набавка на струја ќе поевтинат цените на основните прехранбени производи, но договор за тоа дали, кога и колку ќе поевтинат засега нема. Проценките се дека за еден месец треба да се стабилизира пазарот, па потоа за 10 отсто би можела да се спушти цената на основните производи, вели министерот Бектеши

Владата очекува дека цените на основните прехранбени производи ќе се намалат откако ќе се скратат трошоците за струја. Затоа компаниите производители на основните прехранбени производи ќе набавуваат струја од ЕСМ Продажба која ќе биде двојно поевтина од таа на регулираниот пазар, а дури три пати пониска од таа на отворениот пазар.

„Станува збор за компаниите кои произведуваат млеко и млечни производи, пекарско-мелничката индустрија и компаниите кои се занимаваат со производство на масло и масти, а дополнително се разгледува да се вклучат и компаниите кои се занимаваат со преработка на месо и месни производи“, рече министерот за економија Крешник Бектеши.
Денеска компаниите производители на основните прехранбени производи беа во министерството за економија каде од министерот беа информирани за мерките на Владата за кои очекуваат дека ќе донесат предвидливост што бизнис секторот ја бара.