Централниот одбор на ЛДП на синоќешната седница го прифати предлогот на Извршниот одбор за започнување со подготовки за одржување на редовното Собрание на партијата, ја разгледа оставката на партискиот лидер Горан Милевскина на местото министер за локална самоуправа и го прифати предлогот Ристо Пенов да биде негов наследник на оваа позиција во Владата.
– Централниот одбор се заблагодари на досегашниот ангажман на Милевски, на успешното менаџирање со Министерството и на придонесот за регионалниот развој на државата, велат од ЛДП.
Како што посочуваат од партијата согласно Статутот на ЛДП, формиран е организациски одбор во чиј состав се избрани Боби Мојсоски, Димитар Ванчов, Билјана Аврамоска – Ѓореска, Дејанчо Цветановски, Валентин Груевски и Ивица Тодоровски.
– До Конгресот ќе се одржат уште две седници на Централниот одбор со цел подготовка на Конгресот. На следниот состанок, кој се очекува да се одржи следната недела, ќе бидат разгледани и предлог датуми за одржување на Конгресот, додаваат од ЛДП.