Во спортот и во фудбалот секогаш е потребна почит, затоа велиме „Не” за секој вид дискриминација, напад и расизам”, се вели во реакцијата на Либерално демократската партија која ги осудува националистичките скандирања и навреди на репрезентативецот на Албанија, Мирлинд Даку насочени против Македонците по завршувањето на вчерашниот натпревар помеѓу Хрватска и Албанија на Европското фудбалско првенство во Германија – ЕУРО 2024.
-Како Либерално-демократска партија постојано се залагаме за покренување на свеста за борбата против национализмот и насилството, како и против дискриминација од кој било вид, особено во спортот. Дури и платформата на УЕФА се однесува за почитување на играта во сите нејзини сегменти. А фудбалерот Даку треба да се извини за националистички скандирања , насочени против македонската држава, велат од ЛДП.
Имено, по натпреварот во кој репрезентацијата на Албанија со гол во судиското продолжение успеа да извлече бод играјќи нерешено против Хрватите (2 : 2), Даку зеде мегафон од навивачите и заедно со публиката скандираше пцости кон Македонците и Србите.
На видеата објавени на социјалната платформа Икс може да се види како репрезентативецот на Албанија преку мегафонот извикува пцовка кон Македонците, по што навивачите продолжуваат со скандирање на навредите.