
Специјалниот пратеник на Европската унија (ЕУ) за дијалогот меѓу Приштина и Белград, Мирослав Лајчак, ја поздрави одлуката за намалување за 25 отсто на бројот на припадници на косовската полиција во и околу општинските згради на северот на Косово, што беше направен по полицискиот состанок со ЕУЛЕКС и КФОР.
– Ова е важен чекор кон целосна деескалација на тензиите на северот на Косово – напиша Лајчак на Твитер.
Претходно, косовската полиција соопшти дека безбедносната состојба на северот е добра, дека во петок ќе започне втората фаза на повлекување на полицијата од и околу општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток.
Договорот беше постигнат на 10 јуни од специјалниот пратеник за дијалог Мирослав Лајчак и вицепремиерот на Косово Бесник Бисљими.
– Според заедничката оценка на косовската полиција, ЕУЛЕКС и КФОР, безбедносната состојба во и околу објектите на општините на север е добра – се наведува во соопштението и се додава дека повлекувањето на уште 25 отсто од полицијата ќе започне денес.
Косово претходно повлече 25 отсто од специјалните сили во и околу општините на северот, како што е предвидено во договорот за деескалација.
Тензиите на северот на Косово се кренаа на крајот на мај кога градоначалниците со помош на полицијата влегоа во општинските згради, на што се спротивстави локалното српско население.
Србите, кои го сочинуваат мнозинството од населението на северот на Косово, ги бојкотираа последните априлски избори и не ги прифаќаат резултатите, односно новите градоначалници кои доаѓаат од редовите на албанската заедница.
Тие секојдневно протестираат пред општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток со барање градоначалниците да не доаѓаат на работа и да се повлече специјалната единица на косовската полиција од север.