Деескалација, нови избори на север и враќање на имплементацијата на Охридскиот договор – ова се трите очекувања што им беа претставени на Вучиќ и Курти, вели специјалниот пратеник на ЕУ, Мирослав Лајчак.
Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалог меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак изјави дека очекувањата од двете страни се јасни: деескалација, нови избори на север и враќање на имплементацијата на Охридскиот договор.
Ова, како што наведе на Фејсбук, им било претставено на српскиот претседател Александар Вучиќ и на косовскиот премиер Албин Курти на средба во Брисел, пишува Бета.
Целта на средбата со нив, наведе тој, била да се најде излез од ситуацијата на северот на Косово „која се уште е многу напната“.
„Во име на ЕУ, на двете страни им ги претставивме нашите јасни очекувања со фокус на три елементи: деескалација, нови избори на север и враќање на имплементацијата на Охридскиот договор. Во наредните денови ќе останеме во близок контакт со двете страни, а исто така внимателно ќе ги следиме случувањата на теренот“, рече Лајчак на Фејсбук.
Тој додаде дека претходната недела ја започнал со посета на Вашингтон, каде што имал „продуктивни разговори“ за ситуацијата на Западен Балкан и заедничките напори на ЕУ и САД во тој поглед.
„Беше многу важно да бидам во САД и да ги споредувам набљудувањата со моите соговорници во ова чувствително време“, додаде тој.
Тој во Вашингтон разговараше за ситуацијата во Косово со американската потсекретарка Викторија Нуланд и советникот на државниот секретар на САД, Дерек Шолет.
Ја истакнавме важноста од деескалација и враќање на дијалогот со посредство на ЕУ“, напиша Лајчак.
За ова тој разговараше и со специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар и со голем број други американски претставници.