Лајчак: Геополитиката ја отвора вратата на ЕУ, но за да се влезе треба работа и реформи

„Ни треба кредибилен и транспарентен процес на пристпаување. Треба фокус на реформи, геополитиката само отвора врата, но за да се влезе треба работа и реформи“ рече Мирослав Лајчак, специјален претставник на ЕУ за Западен Балкан и дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Тој додаде дека е оптимист, бидејќи моментумот е тука и сите сакаат да се искористи тој моментум за Западен Балкан да се приклучи на ЕУ.

„Морам да кажам дека ова будење што се случува во ЕУ, не се случува на Западен Балкан. Работам во регионот повеќе од 25 години и за прв пат ЕУ е поентузијастична за проширување од Западен Балкан. Уште има скептицизам, критики и слушаме дека и претходно биле во ваква ситуација, но не се случило ништо“ рече Лајчак.

Тој додаде дека потребно е една земја од Западен Балкан да направи видлив напредок кон членството, за останатите да видат дека навистина се случува тоа, за да не сакаат да заостанат.