
Премиерот Христијан Мицкоски на денешната средба во Владата со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, истакнал дека државата очекува од Европската Унија јасна и конкретна посветеност, како потврда на европската перспектива и поддршка за граѓаните кои со децении остануваат посветени на европските вредности.
Како што соопшти владината прес-служба, на средбата се разговарало за европската перспектива, напредокот на реформските процеси, економската соработка, енергетската безбедност и дигиталната трансформација.
Премиерот Мицкоски ја истакнал решеноста на Владата да ја забрза евроинтеграцијата на државата преку конкретни резултати и исполнување на европските стандарди.
-Посетата на претседателката на Европската комисија претставува потврда на отворениот дијалог и заемната подготвеност за продлабочување на партнерството, во интерес на стабилноста, економскиот развој и европската иднина на земјата, стои во соопштението на владината прес-служба.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека од претстојната посета на Скопје на Фон дер Лајен и средбата со неа очекува реафирмирање на позицијата дека нашата стратешка цел останува полноправното членство во ЕУ, при што се надева дека во тој процес ќе има испорака и од страна на Унијата.
Претседателката на ЕК Фон дер Лајен завчера од Тирана ја почна својата тридневна турнеја низ земјите од регионот на Западниот Балкан, во чии рамки денеска допатува во Скопје. За време на престојот во Скопје Фон дер Лајен ќе се сретне и со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова и со претседателот на Собранието, Африм Гаши.