Ламески: Развојот на вештачката интелигенција нема да ги остави луѓето без работа

Стравувањата на некои луѓе дека вештачката интелигенција може да ги замени луѓето и да ја земе нивната работа, според продеканот на ФИНКИ, проф. Д-р Ламески, се работи за страв од промени, бидејќи вештачката интелигенција веќе на повеќе места се користи. Стравот со кој луѓето зборуваат за оваа иновација е истиот оној страв со кој луѓето зборувале за првата технолошка револуција, а сепак ништо катастрофално не се случи, само им го олесни животот на луѓето. Вештачката интелигенција денеска наоѓа голема примена, особено во сервисните дејности. На прашањето каква е иднината на нашата држава кога се работи за вештачка интелигенција, професорот објаснува дека ВИ се базира на податоци до кои секако најголем пристап имаат големите гиганти како Microsoft, Google и Amazon и токму затоа нив им е најлесно да градат алатки кои се базираат на вештачка интелигенција. За разлика од нив, ние имаме пристап до помалку податоци, затоа би апелирал да се има поголема политичка волја и државните институции да ги споделат податоците кои веќе ги поседуваат, бидејќи експертиза и стручен кадар имаме.

Приватниот сектор веќе ја користи вештачката интелигенција, но секако може да се унапредува. Бидејќи таа се базира на употреба на информации, а државата веќе има закон за заштита на лични податоци, би морало да се најде некое ново решение со кое барем на академската јавност ќе и се дадат информациите за научно – истражувачки цели. Новите алатки базирани на вештачка интелигенција во целост ќе ги изменат општествените процеси, една од нив е популарното ChatGPT, која прави промени во начинот на кој се одвива образовниот процес. Според професорот Ламески ова не изненадува и затоа е потребно да се наоѓаат модели со кои ќе може да се утврди дали човек или програма го напишала конкретниот труд.

На прашањето дали може да се ограничи користењето на вештачка интелигенција, професорот вели дека може доколку се направаи соодветна регулација, слично како што се прави А тест на возилата, да се прави тестирање на програмите кои содржат вештачка интелигенција.