Судскиот совет при Основниот суд – Битола ја преиначи одлуката што му беше изречена на пејачот Ламбе Алабаковски пред два дена, па тој наместо во притвор, обвинителниот предлог за подметнувањето на пожарот во кој изгоре влезната врата на бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ во Битола ќе ја чека во домашен притвор.
Ова следуваше по жалба поднесена од неговиот адвокат Драган Георгиев.
Алабаковски попладнево го напушти притворското одделение во битолскиот затвор и е спроведен во неговиот дом. Таму ќе го издржува куќниот притвор.
Популарниот македонски пејач е обвинет за предизвикување општа опасност, откако во саботата, пред доаѓањето на бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска на средба со Бујар Османи го потпали влезот на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола.
По апсењето, тој го признал делото.
Вчера во Битола, во организација на партијата Левица се одржа протест за слобода на Ламбе Алабаковски.