
Лазар Нанев влезе во трка за Судскиот совет
Претседателот на основниот суд во Кавадарци, Лазар Нанев, сепак влегува во трка за член на Судскиот совет, иако поднел нецелосна документација.
Тој поднел приговор до Судскиот совет и со осум гласа „за“ да му се прифати приговорот, од десет присутни членови на Советот, тој сепак за ова место ќе се „бори“ со судијката од скопскиот граѓански суд, Антоанета Димовска.
„Против“ да се прифати неговиот приговор беше поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, а иако конкретно не се изјасни кон „против“ водеше и дискусијата на судијката Мери Радевска.
Според Радевска, ако некој донел Закон за тоа какви документи треба да поднесе кандидатот, тоа треба да се почитува. За Дамева пак нејасно е како Нанев точно знаел зошто не се нашол на листата, ако службено не треба да биде информиран.
На Нанев му недостасувала оригинал потврда од Академијата за судии и јавни обвинители, која ја доставил заедно со приговорот електронски бидејќи со задоцнување ја добил од Академијата, а нецелосни биле и податоците за неговото оценување и имало генерално наведено колкав стаж има, а немало прецизирано колку од него е како судија.
За другите членови пак немаше ништо спорно зашто ваква пракса веќе имало, а оценките и стажот ги имало во архивите на Судскиот совет.