
Лазаров пред реваншот со Хановер: Достоинствено да го презентираме македонскиот ракомет
Ракометарите на Алкалоид в сабота ќе го пречекаат Хановер во реваншот на квалификациите во Европската лига. Првиот меч од битката за место во групната фаза заврши со победа бундеслигашот (37:27).
Ракометарите на Алкалоид в сабота ќе го пречекаат Хановер во реваншот на квалификациите во Европската лига. Првиот меч од битката за место во групната фаза заврши со победа бундеслигашот (37:27).
Тренерот Кирил Лазаров е свесен за големата негатива, но рече дека нема откажување.
– Ни следи реваншот во квалификациите за Европската лига со Хановер, за кого не треба да се трошат зборови. Повеќе од осум месеци беше лидер во најдобрата лига на светот, а оваа година е засилен со искусни играчи. Мене ми е жал што загубивме со нереални и неочекувани за мене десет гола разлика. Во сабота е убав ден, затоа што ќе го подигнеме европскиот пехар кој го освоивме лани со македонски тим, кој постои три години во Суперлигата и уште една во Првата лига и кој е базиран на македонски играчи. Не е убаво чувството со минус десет од Германија да дигаме пехар, но ќе се приспособиме и ќе се обидеме да се израдуваме колку што можеме пред мечот, а на мечот достоинствено да го презентираме македонскиот ракомет, истакна Лазаров на денешната прес-конференција.
Додаде дека бара од сите играчи максимална борбеност.
– Да го оставиме срцето на терен заради нас, заради проектот, заради навивачите. Бев малку разочаран, имав непроспиени ноќи, но такви работи се случуваат во спортот. Штета што македонската јавност не можеше да го види на дело тоа како ние одигравме во Германија и дека не заслуживме пораз од десет гола. Хановер влегува во бундеслигашкиот ритам, на секое зошто имаат затоа и за нас ова ќе биде големо искуство. Се надевам дека ќе имаме комплетен натпревар, а како тоа ќе биде, ќе видиме по 60 минути, потенцира Лазаров.
Капитенот Игор Ѓоргиев побара поддршката од навивачите.
– На првиот меч екипно имавме лош ден пред сè во нашата реализација, за чисти ситуации и пенали, што против една таква екипа е недозволиво. Негативата е голема, но ние нема да се откажеме во ниеден момент. Со помош на нашата публика ќе се бориме. Пред мечот го добиваме и пехарот во Европскиот куп, па затоа ја повикувам јавноста во сала, прво да се израдуваме на пехарот заедно, па потоа да бидат наш осми играч, изјави Ѓорѓиев.
Натпреварот меѓу РК Алкалоид и РК Хановер-Бургдорф се игра в сабота со почеток од 19:30 часот во салата „Автокоманда“. На овој дуел ќе има и посебен момент за нашиот тим затоа што ќе го добие ланскиот освоен пехар во Европскиот Куп на ЕХФ кој го освои со победа над АЕК Атина во финалето.