Македонската ракометна репрезентација веќе неколку денови се подготвува во Берлин во пресрет на натпреварот од второто коло од групата А.
Противник на избраниците на Лазаров ќе биде домаќинот Германија, која доминантно го стартуваше ЕХФ ЕУРО 2024 декласирајќи ја селекцијата на Швајцарија.
Германците против Македонија ќе сакаат да го чекираат пласманот во следната фаза, а преполната арена во Берлин ќе биде голем мотив за остварување на целта.
Мотивираноста нема да недостасува и во нашата селекција која по почетниот пораз од Франција, се надева на добра игра у успешна ракометна претстава против вториот гигант во групата.
Лазаров е оптимист, смета дека нашите момци ќе одиграат добар натпревар против домаќинот, но сето тоа ќе биде невозможно доколку не се намали бројот на технички грешки во играта.
„Факт е дека против Франција потрошивме многу од нашата игра во напад седум на шест. Имавме загубени топки на таа игра и нормално е Германците да анализираат. Добро е што имаме уште една опција во нашата игра и тоа е наш квалитет. Сепак, се надевам дека против Германија нема да има потреба толку да менуваме. Едно е пријателски меч, друго е официјален меч пред своја публика. Германците беа супер мотивирани против Швајцарија и докажаа дека таа мотивација може да го покрие недостатокот на врвен квалитет. Не велам дека Германија не е квалитетна репрезентација, но таа желба доведе да победат со голема разлика. Одиграа цврст комплетен натпревар во шеесет минути и покажаа дека ќе целат високо на ова Европско првенство. Имајќи в предвид дека Швајцарците ги имаат Шмид кој е најдобар стрелец во Лигата на Европа и Зендер кој е најдобар стрелец во Бундеслигата, а постигнаа само четиринаесет гола, ќе биде тешко, но мислам дека ќе постигнеме добра бројка на голови. Очекувам цврста Германија која ќе бара многу контакт, многу прекини. Мора да се подготвиме ментално и нашиот напад да биде подобар, тоа што ни недостигаше со Франција, како и да бидеме поефикасни“, изјави селекторот.