Лазаров и Латас: Не сме виновни, обвинението е тенденциозно

Јутуберот Стефан Лазаров и новинарот Драган Павловиќ-Латас не се чувствуваат виновни по обвинението за кривичното дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“.

Обвинението го оценија како тенденциозно и сметаат дека ќе докажат дека немаат вина за ништо од кажаното во поткастот поради кои седнаа на обвинителна клупа.

Лазаров образложи пред судот зошто не треба да се наоѓа во судница.

„Двете минути се извадени од контекст. Треба да се изгледа целата емисија за да се сфати мотивот. Моето смеење не значи дека промовирам насилство врз жени“, посочи Лазаров.

Своја теза имаше и новинарот Драган Павловиќ-Латас.

„Обвинението е тенденциозно, под притисок на мала група луѓе кои себе се дефинираат како јавност“, рече Латас, кој објасни дека во емисијата раскажувал приказна за момче од сиромашна средина кој прераснал во познат новинар, кој напуштил опкружување во кое имало негативни појави.

Обвинението беше поднесено на крајот на февруари. Латас и Лазаров се гонат за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.

„Двајцата обвинети преку компјутерски систем ширеле расистичка и ксенофобична репрезентација на идеја што промовира насилство кон жени, со што предизвикале реакции и чувство на згрозеност и вознемиреност во јавноста. Првиот обвинет, гостувајќи во интервју објавено на 14 февруари како поткаст на јутјуб-канал на вториот обвинет, јавно промовирал чин на полово насилство евоцирајќи спомени од неговото наводно минато, без да изнесе морална осуда или каење, со тоа свесно промовирајќи го таквото насилничко однесување“, соопшти Обвинителството.