
Ракометната репрезентација на Македонија вечерва го претрпе и вториот убедлив пораз на СП 2023 во Краков, откако по неуспехот против Норвешка овој пат бевме декласирани од супер-брзата Холандија (24-34).
По средбата, селекторот Кире Лазаров изрази незадоволство од прикажаното, со напомена дека жолто-црвените на Мундијалот дошле да победат еднаш, а што се уште може да го исполнат.
„Холандија заслужено нѐ совлада. Дојдовме да победиме еднаш, имаме уште една можност за тоа, но јас не сум задоволен од овие два меча. За првпат дојдовме со млада селекција, без ѕвезди бидејќи ја менуваме генерацијата. Сега ќе направиме сѐ за да се мобилизираме и да се обидеме да победиме со Аргентина. Треба многу да се разговара со играчите. Видовме денеска до каде сме. Тоа е ситуацијата. Сега да се одмориме и да се обидеме преку Аргентина да одиме во втората фаза. Дојдовме да учиме. Денеска научивме многу. Холандија е подобра, но не за десет гола. Треба да играме колективна игра, а не како вечерва. Ни се случи истото со Норвешка. Не покажавме карактер во двата меча. Треба да смениме многу за да бидеме подобри. Младите играчи се добри, но се првпат без искусни играчи покрај нив“, изјави Лазаров.
Шансата за прва победа, а со тоа и за пласман во втората фаза нашите репрезентативци ќе ја имаат во вторник против Аргентина (18 часот).