Лажна е информацијата дека Петков иницирал гласање декларација за Илинден во бугарскиот парламент

Според деловникот на бугарското собрание, секоја пратеничка група, пред формалниот почеток на седницата има можност, односно има право, во рамките на својот политички интерес, да даде усна изјава (декларација) во траење од неколку минути. Тоа во превод на македонски јазик значи да изнесат став, да се обратат пред колегите со свои видувања за одреден настан, за одредена тема или случување.

Не се работи за декларација како писмен документ, како акт за кој се гласа, туку за изјава, обраќање на еден пратеник или парламентарна група, без никакви консеквенци, освен за политички профит на тие што ја даваат.

Повеќе македонски медиуми (до моментов на „time.mk“ има нишка од дури 29 текстови) и политички партии вчера и денеска пренесуваат информација дека наредните денови во бугарскиот парламент ќе се гласа Декларација за Илинденското-Преображенско востание предложена од пратеничката група на Продолжуваме со промените (ПП) на поранешниот премиер Кирил Петков.

Оваа информација е неточна, односно станува збор за лажна вест, дезинформација.

„360 степени“ ја следеше и информираше за последната седница на бугарскиот парламент која се одржа пред три дена, на 20 јули.

Според деловникот на бугарското собрание, секоја пратеничка група, пред формалниот почеток на седницата има можност, односно има право, во рамките на својот политички интерес, да даде усна изјава (декларација) во траење од неколку минути. Тоа во превод на македонски јазик значи да изнесат став, да се обратат пред колегите со свои видувања за одреден настан, за одредена тема или случување. Не се работи за декларација како писмен документ, како акт за кој се гласа, туку за изјава, обраќање на еден пратеник или парламентарна група, без никакви консеквенци, освен за политички профит на тие што ја даваат.

Честопати, таа востановена практика се користи за коментирање на активностите на опонентите, но неретко, во денови кога се чествуваат празници или се одбележуваат значајни имиња од историјата, се даваат „декларации“ со пригодна нота.

Бугарија, како и Македонија го празнува Илинден. За разлика од нас, тие овој празник, кој го нарекуваат Ден на Илинденското преображенско востание го одбележуваат на 20 јули (по стариот календар). Токму истиот ден се одржуваше седница на парламентот (на овој линк е видеото од директниот пренос на седницата).

Двајца пратеници од владејачката коалиција, едниот од ПП на Петков, другиот од партијата ГЕРБ на Борисов, се пријавија за да дадат „декларација“. И двајцата говореа за Илинден. И двајцата користеа вообичаена, стандардна реторика кога станува збор за начинот на кој во Бугарија се гледа на карактерот на востанието и на учесниците во неговата подготовка и реализација. И сè веројатно ќе поминеше незабележано, редовно, ако по нивните излагања за збор не се јавеше и пратеникот Ташко Јорданов, член на партијата ИТН на Славо Трифунов.

Тој ги обвини и двете партии дека се лицемерни нивните обиди да заработат ситни политички поени претставувајќи се како големи патриоти, а всушност се национални предавници, бидејќи токму тие го симнале ветото кон Македонија, без да ги заштитат бугарските интереси.

„Многу е лицемерно на вакви денови да се кажуваат вакви зборови од политички партии кои се однесуваат сосема спротивно од тоа што го говорат. Ниту оваа сегашнава Преговарачка рамка ќе ја немаше да не бевме ние од ИТН. Вие бевте подготвени да го симнете ветото без никакви услови. Затоа, не чукајте се в гради и не правете се патриоти бидејќи не сте. Вие немате поим што се случило на Илинденско-преображенското востание. Најголем дел од вас ниту во главите не сте Бугари. Такви се, на пример, канаѓанецот Кирил Петков, неговата Весела Чернева, па можеби и целата ваша пратеничка група“, рече во својата „декларација“ Ташко Јорданов од ИТН.

Со изјавата на Јорданов заврши и делот во кој пратениците имаат можност да дадат усна изјава (декларација) пред почетокот на секоја седница на бугарскиот парламент.