Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров изјави дека Москва е отворена за разговори со Западот за војната во Украина, но дека се уште не добила сериозна понуда за преговори.
Лавров на државната телевизија изјави дека официјални лица, вклучително и портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби, изјавиле дека САД се отворени за разговори, но Русија ги отфрлила.
Тоа е лага“, рече Лавров.
„Не добивме сериозни понуди за контакт“, додаде тој.
Лавров рече и дека Русија нема да одбие средба меѓу претседателот Владимир Путин и американскиот претседател Џо Бајден на следниот состанок на Г-20 и дека ќе го разгледа предлогот доколку го добие.
„Многупати кажавме дека никогаш не одбиваме средби. Доколку има предлог, тогаш ќе го разгледаме“, изјави шефот на руската дипломатија.
Зборувајќи за можноста Турција да биде домаќин на разговорите меѓу Русија и Западот, Лавров рече дека Москва ќе биде подготвена да ги слушне сите предлози, но не може однапред да каже дали тоа ќе доведе до резултати.
Тој додаде дека турскиот претседател Таип Ердоган ќе има можност да му претстави предлози на Путин оваа недела во Казахстан.