„Преговорите со Украина не одат добро, но има одредена надеж за компромис“. Ова денеска го изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју за ТВ РБК.
„Се водам од оценките дадени од нашите преговарачи. Тие наведуваат дека преговорите не одат добро од очигледни причини, но сепак постои одредена надеж за постигнување компромис. Таква оценка даваат и некои претставници на украинската делегација, на украинската страна, вклучително и вработени од кабинетот на претседателот (Володомир) Зеленски“ – рече Лавров.
Тој истакна дека агендата за разговорите во неколку наврати јавно ја соопштувал рускиот претседател Владимир Путин.
„Тоа се прашања кои се однесуваат на безбедноста, спасувањето на животите на луѓето во Донбас, спречувањето Украина да стане постојана закана за безбедноста на Руската Федерација и спречувањето на повторното оживување на неонацистичката идеологија во Украина, која е забранета во целиот свет, вклучително и во цивилизирана Европа“ – додаде тој.
Лавров рече дека секогаш има шанси да се реши ситуацијата околу Украина.
„Секогаш има шанси. Во крајна мера, како дипломат, немате право на друг одговор и други постапки“ – рече Лавров.
Тој вели дека Русија ќе биде подготвена за контакти со украинската страна во иднина, но мора да се разбере каква ќе биде додадената вредност.
Лавров рече дека одговорот на НАТО на повиците на Украина го оладил жарот на Зеленски.
„Се сеќаваме како претседателот Зеленски неодамна, пред неколку недели, зборуваше за потребата НАТО да го затвори небото, да почне да се бори за Украина, да регрутира платеници и да ги испрати на фронтот“, рече тој. Алијансата, во која сè уште има здрави луѓе, го олади овој жар“ – смета Лавров.