Лавров: Западот се стреми да го наметне својот поредок во светот

На состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на БРИКС во Нижни Новгород, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека последните настани на глобалната сцена го откриле „вистинското лице на Западот, кој се стреми да го наметне својот поредок во светот. ”

„Неодамнешните меѓународни настани ги демаскираа оние кои досега вербално го тврдеа речиси ексклузивното право да воспостават таканаречени универзални вредности кои се пропагираат како поредок заснован на правила“, истакна Лавров, пренесува ТАСС.

Тој изјави дека поддржувачите на овој концепт се обидуваат да наметнат норми и механизми на интеракција кои само им користат, заменувајќи го рамноправниот и искрен дијалог со коалиции кои дејствуваат прикриено и бараат право да зборуваат и да дејствуваат во име на целиот свет.