Министерот за надворешни работи на Русија – Сергеј Лавров рече дека крајната цел на Западот е „заживување на униполарниот свет“.
„Западот сака да го ограничи секој конкурент, сега тоа е Русија, а следната цел може да биде Кина. Нема сомнеж дека едно од правилата што Западот сака да го примени е да го ограничи секој конкурент. Сега тука е Русија, Кина е прогласена за следна, или сето тоа ќе се случи паралелно. А, целта на овој светски поредок заснован на правила не е ништо друго освен целосно заживување на униполарниот свет“ – рече Лавров во Москва.
Тој ги обвини САД дека сакаат да ги нарушат преговорите на Москва со Украина, чија цел е да се стави крај на речиси едномесечниот конфликт.
„Преговорите се тешки, украинската страна постојано ја менува својата позиција. Тешко е да се избегне впечатокот дека нашите американски колеги ги водат“ – рече Лавров.
Според него, Русија не е против посредувањето на западните земји во преговарачкиот процес со Украина, но „Москва има јасни црвени линии“.
„Западните земји се особено склони да играат посредничка улога, ние не сме против тоа, но имаме апсолутно јасни црвени линии за кои зборуваме долги години“ – смета Лавров.