Лабина Митевска ја доби наградата за меѓународна копродукција на Еуримаж 2024, која ја слави нејзиниот исклучителен придонес за копродукцијата и влијателните сојузи што ги изградала низ годините.
„Горда сум што сум дел од европскиот филм и фала на сите овде што правите прекрасни, извонредни филмови кои ќе го променат светот, рече Лабина Митевска, примајќи ја наградата за копродукција на Еуримаж и на Европската филмска академија (ЕФА) на 37. Европски филмски награди во Луцерн, Швајцарија. Во публиката беа и славниот режисер Вим Вендерс, Изабела Роселини, Ралф Фајнс и многу други ѕвезди од европската и светската филмска индустрија.
Митевска, која е прва македонска продуцентка со оваа награда, се заблагодари за признанието што ја чествува убавината и важноста на европските копродукции, доби силен аплауз за говорот во кој повика на поддршка за европската филмска уметност.
Наградата ја претстави шведската актерка Наоми Рапас, која игра во новиот филм на сестра ѝ на Лабина, Теона Митевска, „Мајка“. Рапас рече дека Лабина е „извонредна жена, која и во најтешките моменти може да најде убавина и да те убеди дека сѐ е можно“.
„На светот како никогаш досега му требаат раскажувачи на приказни со храброст, бестрашни, водени од нуждата да ги раскажат своите приказни”, рече Лабина и ја посвети наградата на татка си кој почина пред два месеца.
На церемонијата во Луцерн ја придружуваа сестра ѝ Теона, сопругот и ќерката.
Митевска е една од основачите на семејната продукциска куќа „Сестри и брат Митевски“ во Скопје, што со Теона и братот Вук ја лансираа во 2001. Како што велат од Еуримаж, Лабина е високо ценета актерка од Балканскиот Регион, која кариерата ја почна во филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски (1994), лауреатот на Златен лав во Венеција и номиниран за Оскар за најдобар странски филм.
Таа има копродуцирано девет филма со поддршка на Еуримаж, од кои шест како мнозински продуцент. Членка е на Европската филмска академија и национален претставник на ЕАВЕ. Во 2014 беше дел од „Producers on the Move“ на ЕФП на Канскиот филмски фестивал. Од 2022, Лабина е дел од продукцискиот тим на белгиската филмска компанија „Ентр шиен е луп“ (Entre Chien et Loup).
„Емилија Перез” на францускиот автор Жак Одијар е апсолутен победник на 37. Европски филмски награди кои се доделија во Луцерн, Швајцарија. Мјузиклот за наркобос кој ќе смени пол и како жена ќе почне нов живот освои награди за најдобар европски филм, режија, сценарио, монтажа и актерка за транс-жената Карла Софија Гаскон.
„Наградите ме уверија дека вредам, оти обично сум многу несигурен и нервозен за секој филм“, рече Одијар по церемонијата на Европската филмска академија (ЕФА)
Најдобар актер е Абу Сангаре за „Приказната на Сулејман“.
Најдобар документарец е „Нема друга земја“ на палестинско-израелскиот колектив активисти и филмаџии Јувал Абрахам, Рахел Сар, Бисел Адра и Хамдан Балал.
Најдобар анимиран филм е „Тек” на литванскиот автор Гинтс Зилбаладис, филм без дијалог, за авантурите на една мачка, кој е и сериозен кандидат за Оскар.
„Арманд” на норвешкиот дебитант Халфдан Улман Тиндел е награден за Европско откритие – Награда на ФИПРЕСЦИ. Тиндел кој е внук на легендите Лив Улман и Ингмар Бергман, рече дека главниот лик во филмот го напишал за извонредната актерка Ренате Ренсве, која исто беше номинирана.
Хрватскиот „Човекот кој не можеше да молчи” на Небојша Слијепчевиќ е најдобар краток филм, заснован е на вистински настан од 1993 кога српска паравојска влегла во воз во Штрпци и одвела невини луѓе, а од 500 патници само еден им се спротивставил и е убиен.
„Ова е првпат да бидам чествувана поради мене, а не како ќерка на Ингрид Бергман и Роберто Роселини, или како сопруга на овој, муза на оној”.